Златка Пурковиќ - Со нишки од срмен конец до спокој и задоволство




 “Ако сакаш цел живот ништо да не работиш, тогаш одбери професија или хоби што ги сакаш. Тогаш тоа не е работа, туку уживање, игра, задоволство и восхит од направеното. Имав среќа и си ја одбрав професијата што ја сакав, а сега со истиот жар, како пензионер, продолжив.“

    Вели нашата соговорничка Златка Пурковиќ (65 години) која  изработува филиграни со срмен конец. Таа вели дека во оваа техника чувствува дека конечно се пронашла себе си. Започнала така што видела неколку изработки со срмен конец, се воодушевила и одлучила и таа да започне да израбтува такви дела. Бидејки не  успеала да пронајде курс или обука за оваа техника, таа започнала сама. Вели дека на почетокот многу научила од своите грешки, впрочем, како тоa се учи и во секој друг занает.
    Филигранот се изработува од срмен конец кој може да биде сo различна дебелина, со помош на лепило, конецот се лепи нишка по нишка, една до друга за да од него се создаде слика. Најпрвин е потребно да се има некоја слика, цртеж како оквирна рамка или фотографија (ако се работи икона) на која се работи. Во текот на изработката се раѓаат и идеите и без разлика на оквирната рамка која е поставена, Златка вели дека ниту една изработка не и е иста. Таа вели дека најголемо задоволство и причинува тоа што своите мисли и идеи  ги претвора во слики.
    За изработка на филиграни од срмен конец, покрај репрометеријалите - конци, лепило, циркони..., потребни се многу време и многу стрпливост.



    Златка вели дека всушност тоа е круг кој понатака те учи на стрпливост,  смирува , ги преокупира мислите и на крај те исполнува со задоволство и дава чувство на исполнетост од она што си го направил. Најмногу сака да изработува пеперутки, зата што со нив може да си игра со големиот спектар на бои и има можност да експериментира.
На почетокот своите изработки ги подарувала, но потоа добивала и нарачки по што започнала и да ги продава и изработува по нарачка.
    Таа вели дека како и во секоја рачна работа, така и во оваа, цената ни од далеку не е реална во однос на трудот кој се вложува, но освен трудот во изработките се вложува многу повеќе, во нив оставаш дел од себе, работиш со љубов и ја пренесуваш својата позитивна енергија. Но сепак, вели таа, нејзиниот мотив е задоволството кое го добива од работата и тоа за нејзе е најголемата награда. Сепак и пречи тоа што рачните изработки не се ценат доволно, покрај толку многу прекрасни и уникатни изработки кои ги имаме, а уште повеќе и пречи ерозијата на добриот вкус и тоа што луѓето почесто се определуваат да купат кинеска пластика отколку домашен, уникатен и рачно изработен производ.
    Таа себе си не се доживува како уметник, вели дека е човек кој само својот вишок на емоции и енергија ги претвора во слика, а ако понатаму на некој му се допадне нејзината работа, ако некој најде утеха и надеж во иконите кои ги изработува со многу љубов, тогаш таа ја постигнала целта и тоа е она кое што најмногу ја исполнува.
    Ти благодариме Златка за љубовта и позитивната мисла која ја шириш преку твоите изработки, ти посакуваме твојата убава енергија преку твоите изработки да се излее во што повеќе домови. 

Нејзиниот профил на социјалните мрежи e:
Makedonski Filigran Purkovik




Popular posts from this blog

Есенски идеи за подароци и украсување на домот

Анета Ангеловска од Охрид - создавач со неисцрпна инспирација

Да ја запознаеме Ивана од Плетена приказна