Каранфилка Гицева, креаторка на Среќна дружина - рачно изработени куклички

     Оваа наша магична земја раѓала вредни раце и креативни умови отсекогаш. Доказ за тоа се огромниот број ракотворци и уметници кои создаваат ремек дела за восхит. Додека се запознаваме со дел нив се сретнавме со Каранфилка Гицева и нејзините прекрасни изработки. 

    Каранфилка е сопруга и мајка на 16 годишна ќерка. Вработена, но целото свое слободно време што малку го има го посветува на своето хоби - хеклање куклички во амигуруми техника. Основите на хеклањето ги осознава уште многу малечка на нејзини 6-7 години благодарение  на мајка и и баба и и се вљубува во хеклањето. Започнала со изработка на фустанчиња за кукли кои сама си смислувала, и нивниот дизајн и какви шари ќе имаат, но во ни еден момент не помислувала дека изработката на амигуруми ќе стане дел од нејзиното секојденевие. Се до пред четири години кога за прв пат на интернет видела играчка изработена во оваа јапонска техника. 

    За  првата нејзина кукла иницијатор била ќерка и  која посакала да и ја направи нејзината омилена пејачка. Потоа првата официјална кукличка зајачица била подарок за внуката и следувале уште многу изработки на животни па од тука и идејата да се роди Srekna druzina -racno izraboteni kuklicki

    За изработка на  кукличките користи исклучиво памучен конец,  силиконско полнење и игла чингелаке. Тоа, плус безброј идеи и фантазии кои спонтано и доаѓаат и магијата започнува. Таа вели дека користењето шеми на почетокот е навистина неоходно додека да се усоврши самата техника, но подоцна во зависност од умешноста и фантазијата на хеклачот и без шема излегуваат  перфектни ремек дела кои се олицетворение на неговата душа. 

    Има изработено многу зајачиња во најразлични форми и големини и мисли дека баш станала и препознатлива по нив. Но тука се и ликовите од цртаните филмови, изработки на tween doll кукли( изработка по дадена фотографија), разно - разни привезочиња, бебешки тропалки, па се до изработка на домашни миленичиња. Најубаво е чувството кога добивате задоволни насмеани мали муштерии. 

Понекогаш и самиот период ќе Ви ја наметне потребата од поинакви изработки на пр за Нова година новогодишни украси, Дедо мразовци, ирваси, ангелчиња; за Велигден - велигденски украси, јајциња, зајачиња, украсни корпи итн. За денот на жената модерни чанти изработени од трикотажно предиво во многу модели  и големини , потоа корпи за шминки, шнолички и останати дребулии. 


    Потребното време за изработка на една кукличка и зависи пред се од големината и тежината на самата изработка.  Помалите  куклички би биле готови за два дена, додека поголема играчка може да биде и до пет дена, а малите привезочиња и за половина час.

Но ништо не е тешко кога се работи со огромна  љубов и страст, вели таа. А среќата е уште поголема кога ќе добиете фидбек со задоволни и среќни детски насмевки. 

Каранфилка вели дека на почетокот првите изработки ги подарувала, а потоа почнала да добива и нарачки од кои многу заминале и надвор од државата. Сепак продолжила и понатаму да подарува бидејќи најубаво е чувството кога некому без повод и причина ќе му подарите  една ваква плетена убавина која можеби и не чини цело богатство, но ќе има посебна вредност за оној што умее да ја цени рачната работа. 




И додека ги разгледуваме нејзините изработки не можеме да не ја почувствуваме љубовта со која се сплетени и вниманието кое им е посветено. Секое дело носи дел од уметникот, тоа е негово дете, дел од неговата мисла и страст.

Повеќе изработки од Каранфилка можете да погледнете на нејзината фб страница https://www.facebook.com/sreknadruzina

 и незиниот инстаграм профил: https://www.instagram.com/srekjna_druzina_mk/


Popular posts from this blog

Есенски идеи за подароци и украсување на домот

Анета Ангеловска од Охрид - создавач со неисцрпна инспирација

Да ја запознаеме Ивана од Плетена приказна