Елиф Ајдароска Ибеска - професорка по Македонски јазик во улога на ракотворка


Срмениот филигран како симбол на нашата традиција.

 Филигранството е прекрасна уметност која бара многу трпение, прецизност и креативност. Во изработката на филигранот се користат сребрени нишки и така се твори накит, украси и се што може да замисли уметникот. Инспирирани од него на нашата територија уметниците создаваат филигран со срмен конец кој во нашата историја имал честа примена во украсувањето на народните носии. Можеме да бидеме горди што филигранството со срмен конец е уникатен на нашата територија.

Денес ве запознаваме токму со еден уметник за оваа техника.
Ви ја претставуваме Елиф Ајдароска Ибеска, по професија дипломиран професор во катедрата за Македонски јазик и книжевност, вработена како наставник во основното училиште "Мустафа Кемал Ататурк". Таа за себе вели дека е самоук занаетчија, кој отсекогаш се восхитувал на рачните изработки, а посебно на филиграните од срма, кои и самата ги работи со огромна љубов.


    Секој занает има свои техники на изработка, така и филигранството е доста сложена работа, која бара време, внимание и огромна прецизност. Употребува материјали кои ги набавува во зависност од потребата на самата изработката и со филигран техника се занимава скоро пет години.

Кога станува збор за рачна изработка, таа конкретно се занимава само со филигран од срмен конец и тој е нејзиниот главен производ. Сликите се изработуваат по нарачка и може да содржат различен мотив. Не постои возрасна граница кај купувачите, сликите најчесто ги купуваат за подарок, но и за себе. Најбарани и се пеперутката и паунот.

Со секоја нова изработка добива мотив и инспирација да продолжи понатаму да твори.
На оние кои што сакаат да започнат со ракотворење, би им препорачала да ја следат својата желба, да бидат трпеливи, упорни, полни со љубов и никогаш да не се откажуваат.
Срмениот конец кој го користи го има во различни бои и нијанси и со нивна комбинација добива различни дезени и така ги бои нејзините слики. Срмениот конец е еден вид на молив со кого се исцртуваат сликите. При тоа користи и различни додатоци како монистри, бисерчиња, кристалчиња со кои се дополнува сликата и се добива комплетно дело.

Особено впечатливи и се рељефните дела со кои се добива теодимензионална претстава и изгледаат воодушевувачки.

Во однос на времетраењето на изработувањето на сликите таа вели дека се зависи од обемот на сликата, некогаш се потребни неколку часови или пак денови.

Побарувачката за сликите во најголема мера е од нашата земја, но има побарувачка и од други држави.

Процесот на изработка започнува со најпрво изготвување на скица од самиот мотив, потоа се потребни хартија, срмен конец, специјални ножички, пинцети, лепило и на крај сликите се врамуваат во 2д или 3д, рамка со стакло.


    За сите кои сакаат да имаат дел од нашата историја и традиција ова е совршен детал за вашиот дом. Да го негуваме тоа што е за нас карактеристично, да ги поддржиме оние кои не дозволуваат традицијата да замре. Погледнете ги изработките на Елиф на нејзината фб страна и поддржете ја нејзината работа. Hana Filigree art












 

Popular posts from this blog

Есенски идеи за подароци и украсување на домот

Анета Ангеловска од Охрид - создавач со неисцрпна инспирација

Да ја запознаеме Ивана од Плетена приказна